
Да се постои како училиште повеќе од 50 години е особено значајно, и во текот на својот полувековен живот, да им ги отвори портите на заењето на илјадници ученици и да ги испрати како успешни и зрели луѓе, е хумано и историско дело. Во текот на својата 50-годишна работа, училиштето доживеа значајни промени-од училиште со мал број на ученици прерасна во една од најголемите и најзначајните гимназии во Македонија. Гимназијата „Орце Николов” веќе 50 години е училиште со своја традиција, со изградени трајни образовни и воспитни вредности. Средното училиште на Град Скопје- Гимназијата ,,Орце Николов“ започна со воспитно – образовна дејност во учебната 1955/56 година, како училиште на српскохрватски наставен јазик. Од 1957/58 наставата во гимназијата почнала да се одвива на македонски и на српскохрватски јазик. По земјотресот, наставата на гимназијата се одвивала во просториите на тогашните основни училишта ,,Браќа Миладиновци“ и ,,Кирил и Методиј“. Од 1970 година, Училиштето започнува со својата дејност во новите простории на бул. ,,Илинден“ бб, во кои се наоѓа и денес. Од учебната 1985/86 година Гимназијата се трансформира во Училиште за средно образование за електро техничка струка, од трети и четврти степен на образование. Од учебната 1993/1994 година истовремено со електротехничката струка, започнуваат со работа првите гимназиски паралелки. Со решение на Училишниот одбор, во 2001 година заврши последната генерација ученици од електротехничка струка, со што училиштето се оформи како Државно средно училиште Гимназија ,,Орце Николов“. Од 2007 година училиштето е верифицирано како Средно училиште на Град Скопје Гимназија ,,Орце Николов“-Скопје. Во рамките на наставно-воспитниот процес, во училиштето се изведува и настава во билингвални пралалеки на англиски и на француски јазик (по 3 билингвални паралелки со настава на англиски јазик и 1 билингвална паралелка со настава на француски јазик во сите 4 години). Многу ученици коишто поминаа низ воспитно-образовниот процес на ова училиште, денес се истакнати граѓани, познати научници, писатели, политичари, уметници, стопанственици..., и сите на свој начин оставија трага во историјата на училиштето, а истовремено од него понесоа животно искуство, практично знаење и спомени од најубавиот период во животот – средношколските денови. Сите ученици, директори, професори, вработени што поминаа дел од својот живот во ова училиште,сите оние што се дел од неговото секојдневие, сите оние кои допрва доаѓаат – биле, се и ќе бидат дел од традицијата на трајни вредности, од традицијата на квалитетна настава, награди, успеси и врвни достигнувања во сферата на образованието.


